Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина - МАИВП е национално здружение на водичите во планина од Република Македонија кои се обучени и работат според меѓународниот професионален стандард - International mountain leader.

МАИВП е членка на меѓународната организација на професионални водичи во планина за International mountain leader стандардот - UIMLA - Union of International Mountain Leaders Associations.

Организацијата е формирана во Ноември 2008 година и во своите редови ги обединува водичите во планина и алпинистичките водичи. Досега од страна на стручните лица во МАИВП се обучени 140 водичи во планина.

Претходно водичите во планина работеа во составот на планинарската федерација на Македонија, меѓутоа од страна на меѓународните организации UIMLA и IFMGA беше посочено дека е неопходно формирање на независна струкова организација на професионално насочени водичи во планина, која не смее да биде дел од некоја спортска асоцијација, заради што и беше формирана МАИВП.

Набргу после формирањето на МАИВП целокупното работење на македонските водичи, како во делот на обуката, така и во делот на вршењето на дејноста, се крена на многу повисоко ниво, кое во голема мерка се должи на различниот приод кон дејноста - професионален наспроти волонтерски.

Мисијата на Македонската асоцијација на интернационални водичи е афирмација на професијата водич во планина во Македонија, зголемување на бројот на професионално обучените водичи во планина, имплементирање на меѓународните стандарди и зголемување на безбедноста и квалитетот на услугите во планинскиот туризам.

Наша крајна цел е препознатливост на македонските водичи во планина во национални и меѓународни рамки и нивно цврсто поврзување со реалниот туристички сектор.